Многумина жители се сеќаваат на старата селска чешма. Денеска не изгледа нешто подобро од некогаш. Можеби е и истата, а можеби и позапуштена, ама пак незапирливо тече и секогаш неповторливо и му пркоси на времето.
Тече како и некогаш иако ги нема водарите да наполнат ладна вода за ручек, за вечера или тогаш кога одеа на нива. Ги нема и животните кои ги водеа на чешмата да се напијат вода од мрамурите, ги нема и децата кои им ја матеа водата. Старата чешма и денес тече и носи нови времиња... а спомените, спомените да не ги забораваме.
Од левата страна на реката обновена е и другата чешма во селото која доста време беше запуштена. Денеска со нов лик и таа незапирливо тече во времето на едни нови генерации, а и тие, искачени на животна сцена без право на проба ги играат нивните животни улоги, го сонуваат својот сон, искаена надеж за среќа и успех.

Коментари (0)
Сѐ уште нема коментари. Бидете први што ќе остават коментар!
Оставете коментар